2013-10-28

Кој го уби Тони Клифтон



Повеќето од луѓето престанаа да му веруваат, по ѓаволите веќе никој ни од другарите не му веруваше. Навечер легнувајќи ќе се прегрнеше со оној истиот прекривач од детството и ќе се посомневаше дека дури и тој самиот не си верува. Прекрасно чувство на предавство, несигурност, страв и осаменост, како дома, само ќе се насмевнеше и ќе се прекиреше преку главата да се сокрие од чудовиштето кое секоја ноќ излегуваше од оној проклет црн креденец кој никогаш не најде време да го тргне од спалната.

На овие години и не треба да ми е страв од замислено чудовиште ќе си речеше, што може полошо да ми се случи од мојов живот? Но, чудна некоја сила го тераше целиот склупчен да заспива под покривачот без да покаже ниеден дел од неговото тело на чудовиштето кое упорно секоја ноќ чекаше ли чекаше барем да го гризне за малото прсте од ногата.

Едно утро стана и го погледна чудовиштето како седи во дневната гледајќи Иселенички џубокс. Не се исплаши, повеќе се израдува кога виде дека во кујната имаше направено еден куп палачинки со Нутела. 

Се сврте накај чудовиштето и му рече: Навистина си премногу грозно!

И ти не си нешто подобар сабајлево, му одговори. Земи ги палачинките и седни да поразговараме.

Како што се приближуваше накај дневната со огромниот тањир палачинки и теглата Нутела го забележа огромниот нож на масата. 

Не се плаши, му рече чудовиштето не те убивам ако неќеш.

Чудната несигурност која го зафати околу ова прашање не го спречи да продолжи да ги мачка палачинките со лажичето.

Знаеш јас не јадам Нутела рече и мачкам со нож, не со онаков голем, но со ноже онакво тапо хотелско.

И јас не убивам луѓе со ваков нож, па еве ми се најде за да ги вртам палачинките. Од кога си на работа?

Не сум денес, на одмор сум. Требаше да платам радиодифузна такса овие од УЈП ми се качија на глава.

А што не се убиеш самиот? Ми помогнеш и мене и себе, да не седам секоја ноќ во оној мочан креденец веќе триесет години, да те гледам како се криеш мизерно секоја ебена ноќ.

Не можам ти велам немам платено радиодифузна такса, би се убил ако ми ветиш дека ќе платиш место мене и дај немој со нож, дај нешто покреативно?

Па јас ли сум ти крив што живееш на втори?

Се насмевна и отиде до соба да ги земе цигарите. Кога се врати во дневната чудовиштето веќе излегуваше. 

Каде одиш?

Па да ти платам радиодифузна такса, го измив и го тргнав ножот. Се гледаме попосле или не.

И знаеш што, тоа цигарите ќе те убијат!!! И замина.

А Тони? Тони најверојатно продолжил да пуши...








No comments:

Post a Comment

Related Posts Plugin for WordPress, Blogger...