Showing posts with label LP. Show all posts
Showing posts with label LP. Show all posts

2010-11-08

Летечки Пекинезери импрешнс



Сцената од филмот 24 Hour party people - се вика "The gig that changed the world" погледнете и зашто:


Зашто баш оваа сцена и зашто баш сега?

Епа во саботата како што пишав требаше и се одржа концертот на Пекинезери. Се она што би сакал да кажам е склопено во оние 3 минути погоре кажани, макар колку и да би сакал да сум било кој од тие, па макар и Џон д Постмен, не сум, мада прописно се здрвив, сепак не испеав ниту една песна, ала Луи Луи ооо...

Како и да е, значи немаше многу луѓе, ама оние што дојдоа, дојдоа да видат нешто ново во градот и тоа и го добија. Фактот што ги познавам Пекинезери поприлично од поодамна, па и фактот што материјалот за новиот албум, непреработената верзија, го имам слушнато преку 7 пати во една вечер и фактот што мислев дека ги познавам како музичари, не ме поштедија од изненадувањето во саботата. Моментот кога се фатив со остатокот од луѓето кои ги пополнуваа предните две соби на МЦМ како играме на музиката на Пекинезери ме подзамисли да му поверувам на еден другар кој кажа дека овој албум навистина ќе ја промени македонската сцена, барем онаа на џезот. Па зашто да не? Ионака како што кажува подоцна во истиот филм погоре споменат, на последната вечера имало само 13 луѓе. Или сепак не?

Алкохол плус добра музика е еднакво на добар провод, но не и на сликани фотографии. Успеав да најдам дури две кои сепак ќе посведочат дека на 06 Ноември 2010, за првпат се слушаше во живо албумот кој ќе смени многу работи кај нас.


Летечки Пекинезери 06.11.2010 Кабаре МЦМ


2010-11-05

Летечки Пекинезери


Со уште поголем мерак од нивниот ве молам да ја прочитате оваа покана:

Ептен ни е мерак да Ве известиме дека во сабота, 6-ти ноември, Летечки Пекинезери ќе настапат во кабарето МЦМ. Свирката ќе почне во 23 часот а на репертоарот ќе се најдат петнаесетина авторски теми на бендот, кои наскоро ќе бидат спакувани во првата плоча на сега 5-члениот состав.

Еден куп музика за "Летечкиот џез со Летечки Пекинезери квинтет" е веќе снимена во студиото Мечкаров од Ален Хаџи Стефанов и во моментов се "крчка во кујната" на мајстор Ален.

Инаку разлетани по европските центри како Штип, Грац, Велес, Скопје и Битола, Пекинезерите немаат настапено поприлично долго време, па ако сте загреани за неколкучасовна летечка сесија, бујрум во МЦМ во сабота, затоа што кој ги знае кога повторно сите заедно ќе се зберат во Скопје.

Пекинезерите претпочитаат нивната музика да зборува за себе а сè што во меѓувреме треба да знаете е дека момциве му дадоа шанса на џезот и пред да се свестат, музиката ги изигра и стана нивниот храм, другар, љубовница и учителка.

Кога сфатија дека направиле зделка со самата слобода, Летечките Пекинезери беа ослободени.

Тие не сакаат нивната музика да звучи како збркан восочен музеј, всушност, Летечките Пекинезери не размислуваат за својот звук. Идеите непредвидливо ферментираат, добиваат форма и завршуваат на петолиние. По конструкцијата следи искрена и дрска интерпретација во која може да се намириса детската палавост на бендот.

Внимавајте, сешто може да се случи кога пекинезерот ќе полета.

Летечки Пекинезери квинтет се: Бојан Петков на гитара, Иво Солдатовиќ на кларинет, контрабасот е на Кирил Туфекчиевски, на тапани е Славчо Коцев а за тенор саксофонот е задолжен Петар Христов.

Летечки поздрав од Летечки Пекинезери


П.С.

Прикачената илустрација е дело на 5-годишниот Бојан Петков - Шамба, кој пред 20 години имаше визија за "Летечкиот џез со Летечки Пекинезери квинтет" :)

Па се гледаме таму во Сабота, останува уште да дознаам каде беше МЦМ, се друго е конечно на свое место.


Related Posts Plugin for WordPress, Blogger...