2014-05-09

„Пелистерка“ ќе го помага урбаниот велосипедизам со избор за дизајн и со поставување вело-паркинзи






Препознавајќи ја нагорната линија во која што стабилно се движи популарноста и користењето на велосипедите во урбани услови, особено кај помладата, но и кај останатата популација, компанијата одлучи да испрати отворен повик до креативците во Македонија со цел да се подобри вело-инфраструктурата

Инспирирајќи се од идеите дека е еден од најпрактичните, најеколошките и најздравите начини на превоз „Пелистерка“ реши да го поддржи и поттикне урбаниот велосипедизам преку избор за дизајн и поставување паркинзи низ Скопје за овие средства за транспорт. Препознавајќи ја нагорната линија во која што стабилно се движи нивната популарност и користењето, особено меѓу помладата, но и кај останатата популација, компанијата одлучи да испрати отворен повик до креативците во Македонија.

Тие ќе имаат прилика да го разубават градот со свои оригинални предлози, меѓутоа, и да создадат решенија чија употребна вредност велосипедистите секојдневно ќе можат да ја чувствуваат. Кон исчекорот во афирмацијата на овој вид превоз на претпријатието со 61-годишна историја се приклучија и неформалната група „На точак“, како и невладината организација „Еко-свест“, обете навистина активни на овој план изминативе години.


- „Пелистерка“ е бренд којшто повеќе од шест децении е постојано присутен во домовите на македонските граѓани, којшто особено ја цени приврзаноста што тие ја демонстрираат и затоа секогаш се обидува да возврати преку давање потпора во области кои што ним им се важни, без разлика дали тоа е забава, култура или, пак, спорт. Таква потреба за поткрепа почувствувавме дека постои на полето на велосипедизмот, поспецифично на планот на паркинзите, и затоа решивме да го отпочнеме овој проект со којшто ќе ја стартуваме нашата поширока кампања за засилување на урбаната енергија во земјава - истакнуваат од „Пелистерка“.

Целта на овој проект е решенијата што ќе пристигнат на конкурсот да се постават на повеќе локации, се разбира, во соработка со локалните и со градските институции. Неформалната група „На точак“ ќе изработи рута од неколку клучни точки каде што за тоа има најголема потреба. Тие, заедно со претставници на „Пелистерка“ и на „Еко-свест“, ќе ги изберат најдобрите дизајни, а во конечната селекција улога ќе имаат и јавноста, која што ќе може својот глас да го даде на социјалните мрежи. На авторите на првите три креации компанијата ќе им додели по еден велосипед од врвна класа.
- „На точак“ се залага за урбан велосипедизам, а покрај велосипедите и велосипедската инфраструктура, дел од него се и паркинзите за велосипеди пред институции, приватни компании, станбени згради, јавни површини. Ваквите потези се особено добредојдени, за пред сè, да ги охрабрат граѓаните да почнат да го користат велосипедот како превозно средство. Една од причините поради која граѓаните сè уште не се осмелуваат да возат велосипед е токму недостигот на места каде што ќе можат соодветно да ги паркираат велосипедите. Се надеваме дека оваа иницијатива на „Пелистерка“ ќе биде само поттик и други компании да почнат на секаков начин на којшто можат да инвестираат, да го помагаат и да го охрабруваат урбаниот велосипедизам во Скопје - велат од неформалната група „На точак“ која секоја последна среда во месецот вози „критична маса“ низ улиците на главниот град.

„Еко-свест“ е центар за истражување и информирање за животната средина што повеќе од седум години е ангажиран на темата „урбан транспорт“ и на изнаоѓањето алтернативни решенија кои се еколошки прифатливи.
- Скопје нема доволно паркинг места и инсталирани држачи за заклучување велосипеди, т.н. „улични канџи“, особено нема такви што се издвојуваат со карактер. Поголем број паркинзи придонесуваат кон полесно возење на градскиот велосипед, а дополнително на ова, со овие локации може да се придонесе работите да изгледаат помалку досадно. Настрана од фактот што решетките за паркинг можат да сместат повеќе велосипеди, праксата во градов покажува дека велосипедистите се снаоѓаат и на сите објекти од урбаната опрема ги заклучуваат своите велосипеди. И покрај тоа, ние знаеме дека од некаде треба да почне и од сé срце влегуваме во кампањата на „Пелистерка“ за изработка на решенија за градот Скопје - велат од „Еко-свест“.

Проектот во којшто „Пелистерка“, поддржана од „На точак“ и „Еко-свест“, ќе избере најдобар дизајн на паркинзи за велосипеди ќе се одвива во следните неколку недели. Конкурсот е целосно отворен, а сите заинтересирани треба своите решенија да ги испраќаат на е-маил адресата pr@newmoment.mk. Компанијата ги повикува учесниците да бидат максимално креативни и да се држат до упатствата кои ќе бидат поставени на Facebook-страницата на „Пелистерка“ - on.fb.me/1irjLKY





No comments:

Post a Comment

Related Posts Plugin for WordPress, Blogger...