2012-01-07

2012



И саатот на ВМРО закачен на носечкиот столб го потсети на неговото детство. Ти ебам партиите - рече во себе кога ќе почнат на детство да те потсетуваат. И веднаш го полазеа морници бидејќи му текна дека всушност беше столбот на неговиот стан тоа што го потсети, дека тој немо молчи за годините кои поминаа преплетени со политика и страв, а не ебаниот саат.

Беше 1991, како по обичај татко му дојде пијан и си легна уште попладнето. Единче кое никогаш не научи да се дружи, а колку само сакаше. Прозорецот покрај носечкиот столб беше прозорецот кон светот. Истиот оној што го одведе до бујните гради на комшиката од спротивниот влез, прозорецот покрај носечкиот столб кој неретко ќе ја почувствуваше неговата солза кога сите деца играа топка. Ете го истиот тој, му правеше друштво во ноќта срамежливо пратејќи ги децата на терасата на највисокиот спрат од спротивната зграда. Чворе ги имаше викнато кај него сите деца од маалото, да ја прослават Новата година, но не и него.

Во некоја минута пред полноќ сите веќе беа на терасата и по вообичаениот #скопски протокол држеа мал арсенал петарди во рацете. Одбројувањето веќе започна, срцето му затрепери силно и чукаше се посилно на секоја секунда и петарда. Стануваше се погласно и погласно, од секоја страна пукаа петарди и ечеше музика. Потскокнуваше со прстите и веќе се имаше целиот прилепено до прозорецот.

Одеднаш се отвори вратата од спалната и се појави татко му залетан и преплашен во гаќи и синдикалка, трчајќи накај него. Не успеа ни да го тргне залепеното лице од прозорецот, а веќе се наоѓаше фрлен на тепихот од дневната, слушајќи го татко му, преплашен како извикува: Бегај будало една гледаш дека ЈНА пука!!! - и ја затвори завесата и го изгаси светлото во дневната...

Уште тогаш, да уште тогаш колку и да беше надреална целата ситуација и оној носечки столб на кој денеска стои гордо закачен ВМРО часовникот, тој знаеше дека тој и неговата генерација ќе ги поминат наредните 20 години во страв, сељанчизам, простотилук, притисоци и грабежи. Малку се натажи од друга страна, се насмевна и појде во собата и се реши да пишува за да не заборави. Никогаш да не се заборави, дека една цела генерација, никогаш не ги виде Плитвичките езера, не успеа да се израдува доволно на независноста на својата држава, затоа што пар идијоти уште во првиот миг ја зграбија власта и не оставија ништо за нив. Таа иста генерација, за поклон за своето полнолетство доби војна, таа генерација живееше во ембарго и неподносливи услови. Таа генерација живееше во политичка, визна и секаква изолација и кога конечно дојде до либерализација, немаше сила да мрдне никаде. Дел си отидоа уште одамна, дел зачекорија длабоко во животот за било кога повторно да бидат млади.


И 20 години подоцна, повторно по бог знае кој пат ќе Ве запрашам ВРЕДЕШЕ ЛИ?

Нека ни е среќна 2012 генерацијо моја!

2 comments:

  1. Tolku ubav tekst,i nostolgicen a ni eden komentar.Bravo

    ReplyDelete
  2. Тоа бе приметувам, ич не ми оставаат луѓе коментари... Ти благодарам за твојот и секое добро

    ReplyDelete

Related Posts Plugin for WordPress, Blogger...