2013-02-12

Ако животот беше пантомима...




Јас:
Здраво Војо... Има интересна прича за нашето запознавање, не знам дали паметиш, во Лондон пред едно 15 години седевме екипа и ти како улета го знаеше Гоксо и почна да се поздравуваш и некако се случи момент Миро ти подаде рака ти не го виде и остана да виси чоекот со раката и се скршивме од смеење сите. Сигурно неинтересно за другите луѓе, но мене секогаш кога ќе ми текне на тебе прво ми доаѓа таа случка и колку се смеевме... Како и да е, она што уште тогаш дознав за тебе е дека сте имале бенд, ти нешто вокал, па кај е таа приказна? Може знам јас да се сретне Војо во некој локал се уште како ја пее Ноу Уоман Ноу Крај, но што е со понатамошни музички амбиции?

Војо:
Вака сеа, јас во животот имав три желби кои сакав да си ги остварам и до пред 15-тина години, длабоко верував дека можам и трите одеднаш да ги сработам, т.е. работам. Како и секој човек, па така и кај мене, дојде тој ден кога се соочив (како што некои милуваат да кажат) со суровата вистина дека всушност ќе морам сепак да се определам за една работа и искрен да бидам многу се разочарав дека не можам подеднакво да им се посветам на трите и тоа многу се растажи. Со времето навикнав.  
Тие Мои три љубови се; -  Театарот, Фудбалот и Музиката.
Со фудбал се занимавав се до мојата 16-та година, речиси професионално и тогаш дојде моментот во кој требаше да се одлучам, помеѓу фудбалот и театарот (со оглед на тоа дека расчистив со музиката, две три години пред оваа конечна моја одлука, бидејќи одвратно пеев, но да бидам искрен тоа го правев од душа) ...  И сега да не објаснувам во детали, како точно пресеков дека ќе се занимавам со театар (тоа е долга приказна) дојде денот во која се јавив на приемниот испит на драмскиот факултет во Софија, потоа веќе беше јасно дека со театар ќе продолжам. Со театарот продолжив да живеам и созревам, напуштајќи го професионалниот фудбал засекогаш, посветувајќи му се на театарот – професионално. (значи една од трите мои љубови сепак се оствари) - така навлегувајќи во порите на театарот, се случи така, одненадеж јас и театарот да станеме едно цело и да не можеме еден без друг. Во една прилика реков, ТЕАТАРОТ Е МОЈАТА НЕВЕНЧАНА СОПРУГА.
Музичките амбиции останаа само амбиции, но кај мене во душата засекогаш останаа сите оние музички големци за кои би можеле можеме да направиме претстави т.е. за нивниот живот и со задоволство повторно да најдам начин да ги спојам музиката и театарот. Планирам во блиска иднина да сработам претстава за една огромна музичка ѕвезда, која го потресе човештвото кон крајот на 20-тиот век, се надевам дека успееме во ова, јас и мојот тим. На овој начин би останал тесно поврзан со музиката, но во една друга димензија.
А ова за Миро, прв пат слушам дека се случило, и ако нешто важи овој наш разговор еве јавно му се извинувам на Миро, за тоа што не го видов, ти сам знаеш дека јас не сум таков човек.





Јас:
Ептен се израдував кога те видов дека си режисер на едно видео на Легијата мислам нешто со Велигденски јајца беше. Друго нешто имаш ли режирано?

Војо:
Јас по струка сум театарски режисер, пантомимичар и актер и во основа се занимавам со театар. Никогаш не сум сакал да го исклучам и филмското режирање, но за тоа во моментов да бидам искрен, не сум спремен, а и не сум доволно фокусиран на тоа.
(се надевам на подобри денови)

Видео записи (спотови) од време на време знам да сработам, се разбира кога ќе ми дојде инспирација за таков вид на уметнички израз. По ВЕЛИГДЕНСКА СИТУАЦИЈА, го снимивме и видео записот за темата ФРЕКВЕНЦИИ на РНС, видеo запис кој е одработен со минимален буџет, а достигна огромна бројка на гледаност на youtube. Oд тогаш па наваму, не сум се занимавал со видео записи, фокусиран сум на театар и уличен театар, бидејќи театарот сега за сега ме интересира многу повеќе. Дотолку повеќе што имам и огромна причина за тоа, бидејќи последниве три години  создаваме една нова алтернативна театарска продукција, независна, (за некои веќе позната како, ТЕАТАРОТ ОД 2-ИОТ КАТ) која има за цел да се занимава како со продуцирање на театар, така и да ја разработи сопствената работилница по АКТЕРСКО МАЈСТОРСТВО и да создаде сопствен кадар на актери, со кои постепено ќе станува конкурентна на пазарот, се разбира уметничкиот пазар. Со таа работилница работам Јас, т.е. јас сум менторот на овие студенти и се надевам дека еден ден ќе прераснат во одлични актери. Оваа моја цел за создавање на ваков тип на продукција е од причина што сметам дека голем број на таленти се исфрлени од академијата и не им е даден простор за проба, а секако дека сакат да се занимаваат и сметам дека тоа не добивање простор за работа, за одредени луѓе е штетно, бидејќи се исклучително талентирани, според мене доколку не добијат шанса  театарската уметност ќе биде посиромашна за неколкумина одлични актери, воопшто. Од овие причини јас се решив да ја создадам оваа работилница и таа да стане еден пример за многу други независни продукции кои се уште го бараат својот излез од бездната, во која се наоѓаат.


 

Јас:
Не знам дали знаат луѓево, но ти имаш завршено пантомима колку што знам јас, мислам толку знам од тоа што не сум сигурен ни дали така се пишува J Кажи нешто околу тоа, има ли кај нас можност некој да се бави со тоа? На кое ниво? Кај најде пантомима човече?

Војо:
Кога тргнав накај Софија да запишува режија, ден пред испитот во еден парк на една клупа седеше еден мудар човек. Кога седнав на клупата до него и ги отворив книгите за да додочитам, за евентуално нешто да не сум заборавил (а знаев се на памет) ме праша, - Гледам ќе запишуваш режија? Му одговорам, Да - гордо! Проструи неколку секунди пауза меѓу нас и повторно ме запраша - Ти бе дете колку години имаш? Јас, полн со себе и мислење дека сум најпаметен ми одговорив, - 18!  Човекот се изнасмеа. За мене тоа беше навреда, беше навреда на мојата суета и интелект, кои во тоа време секако беа во согласност со годините, години кои за жал се најштетни за човекот бидејќи во тие години мислиме дека светот е измислен за нас и брутално го злоупотребуваме. По кратко, решив дека треба да му возвратам на човекот, жаргонски кажано да му се направам паметен - Му возвратив. Тоа мое тогашно лошо однесување кон постариот човек е нешто за што цел живот сам на себе си, ќе си бидам благодарен, бидејќи по тоа мое возвраќање, човекот ме седна и ми образложи зошто се изнасмеал (секако тоа не било во негативна конотација, нити сакал да ги навреди мојата суета и интелект – иронично изговорено од негова страна за да сфатам колку сум мал), туку причина да ми објасни зошто не треба да се запишам на режија толку млад. Ми рече, прво запиши нешто што е поврзано со театар, како што е актерство, пантомима, куклен театар и од како ќе ја совладаш таа материја, тогаш запиши режија. Првенствено, ќе изучиш една театарска димензија, а второ не се станува режисер на 18 години и трето – најважно ќе бидеш побогат за една професија плус во животот, па има ли нешто поубаво од тоа ме праша? Јас се согласив со него и постапив како што ми кажа. И така, додека да запишам режија, решив да запишам пантомима, која денес е дел од моето секојдневие и ја работам насекаде по светот во форма на уличен театар. По мојата факултетска приказна со пантомимата запишав и режија и еве ме денес овде, побогат за две театарски професии.

Јас:
Кај наоѓаш инспирација (мораше ептен клише некое прашање – стандард да задржиме J )

Војо:
Инспирацијата е секаде околу нас, само треба да ја препознаеме. За да знаеме да ја препознаеме инспирацијата, првенствено треба сами со себе добро да се запознаеме, ама многу добро.
Во оваа професија од исклучителна важност е да се запознаеш себе си. Според мене тоа е многу долг процес, процесот на себезапознавање. Од како се запознаваш себе си, знаеш каде и како да ја препознаваш таа инспирација.
... меѓудругото ...  
Едно од моите  големи животни задоволства е возењето велосипед. Велосипедот го спомнувам, бидејќи кога треба да ги срочам идеите од инспирацијата во едноканална форма, наречена сценарио за претстава или што и да треба да работам во дадениот момент, тогаш се релаксирам со велосипедот низ градов, тоа некако повеќе ме одморува, од колку да ме заморува и ми ги срочува идеите во една линија.


Јас:
Бродвеј или Холивуд (не заборавај ги милионите!!!)

Војо:
И Бродвеј и Холивуд, ако може, јас сум и за дветеJ ? Доколку имаш некакво сознание, како се стига до таму, те молам не заборавај на мене. J

Постои огромна разлика помeѓу двете продукции, разлика во смисол на филозофија и погледи, Бродвеј е она кое според моите вкусови е далеку подобро и по продуктивно за човештвото воопшто, за разлика од него, Холивуд е една машинерија, која има за цел  брзо да создава и брзо да го одзема она кое го создал, инстантно. На Бродвеј ја имате суштината, во Холивуд формата (се разбира чест на исклучоци)


Јас:
Во театарот е вистината за животот или во животот е вистината на театарот?


Војо:
И едното и другото, зависно кој како го гледа и кој како сака да го гледа, ЖИВОТОТ ТЕАТАР и ТЕАТАРОТ ЖИВОТ. За мене и моето театарско изразување, театарот е просторот во кој јас го искажувам сопствениот крик, мојата кауза, мојата тага, среќа, болка, рана, се она кое ме трогнало – растажило или направило среќен, а воедно праќам порака до театарската публика.
Мојата животна филозофија е „ДА ОСТАНЕМЕ ЛУЃЕ, ДОБРИ ЛУЃЕ НА КРАЈОТ ОД ДЕНОТ“, колку и да сме успеале во некоја работа, никогаш не смееме да заборавиме од каде доаѓаме и кои сме навистина ние, бидејќи вистината за нас единствено е онаа во која сме биле кога за прав пат сме го следеле патот до успехот.
На овој начин го воспитувам син ми, а исто така и моите студенти.
За мене е исклучително важно тие да останат луѓе, добри луѓе – човечни, од како ќе бидат повикани во некој голем проект. Доколку гледам дека веќе преминале од онаа страна на суетата, длабоко се растажувам и на моменти се обвинувам себе си, зошто овие деца заминаа во погрешна насока!
Во последната претстава која ја работев има една реплика која кореспондира со ова прашање, „ТЕАТРОТ НЕ КРАДЕ ОД ЖИВОТОТ, НАПРОТИВ ГО ИЗМИСЛУВА, ГО ПРЕДИЗВИКУВА“.

 
Јас:
Викаат во вселената не постоел звук... Што ќе правевме ако ја имавме само пантомимата? Ќе беше ли доволна?

Војо:
Според мене, Пантомимата и без 90% од нештата на овој свет ќе е  доволна за нашето егзистирање тука, на земјава. Да не бидам вулгарен кон професијата, но сметам дека пантомимата е една од најблагородните професии воопшто измислени од човекот, кои за жал тешко се прифатија во глобалното секојдневие. Ако јас се прашувам и би имал моќ да одлучам, тогаш без тронка мислење би ја оставил само пантомимата како театар, насока, танц (се разбира фигуративно зборувам). Тоа ќе го направи човештвото многу поплеменито, попаметно и ќе му открие тајни за кои човекот не ни претпоставува дека се веројатни, а истите тие ги консумира секојдневно. Тоа се разбира е невербалната човекова комуникација. Пантомимата е театар на невербална комуникација, и кога ќе ја проучиш оваа наука, заклучуваш дека човекот во текот на едни елементарни 24 часа, 70 % зборува со телото, т.е. телото е единствениот релевантен фактор за човековата вистина, по човековото телесно однесување, ја дознаваш вистината за тој човек.

Јас:
Од кај најде со рапери бе да соработуеш, нели цел живот рокер беше?


Војо:
Тие ме најдоа мене J. Во принцип имам многу истенчен вкус и сакам да слушам добра музика, музика која има некаква цел и праќа порака, од некого до некого.
Така се случи и мојот контакт со Легијата. Сметам дека тие се една одлична група на креативци кои точно, себе си, си го определиле патот и не отстапуваат од истиот ни по која цена. Мене тоа ме фасцинира, бидејќи во денешно време да наидеш на такви луѓе во вакво општество е речиси невозможно. Седнавме една вечер и си ги разменивме идеите во врска со изразот и уметноста и така се роди таа наша заедничка соработка. Прво за еден видео запис, потоа за втор видео запис и по пат за неколку концерти, кои сум ги водел на лице место како режисер. За жал до сега не сретнав некоја толку силна рок група на нашава територија, за да ме допре и да посакам да споделувам со нив заеднички креативни идеи дали преку концерти, дали преку видео записи или некоја инсталација, во секој случај, се надевам во скоро време да наидам на некој таков, не само јас, туку сите ние.

No comments:

Post a Comment

Related Posts Plugin for WordPress, Blogger...