2011-06-07

Ја, Либија, Иран и Египет


Пред некое време ми укинаа Јутјуб на работа, тежок удар беше тоа за демократијата во нашето микро општество претставено со еден канцелариски океан, сочинет од воглавном ситни риби... Жалејќи се по другари твитер и остала раја, еден френд почна да ме ребрачи дека сме такви јас, Иран, Либија, Египет, Големата Кина...
У меѓувреме, во пошироката реалност се одвиваа избори и повеќето граѓани да ти ги сфатиле како референдум за да се биде или не и по твитосферата, фејсбуковината, скопскиот асфалт, по мобилните, па и во нашите домови, одредени пајташи си земаа за право да паламудат за кој бил правиот пат... И што е најстрашно, да те судат за твојот избор на пат, чудни се патиштата господови знам, но нели па ако ви текнуе на 21 мај требаше Смак Свита да биде, па и тоа беше некој пат, иако ќорсокак...
Па се направија некои компарации демек Обама користел Твитер и Фејсбук, за да победи на изборите и дека тука лежел успехот, не дека претходниот нивни идиот не избомбардира пола свет наоколу и цело општество не се дигна против него, туку едноставно затоа што Обама имаше Твитер и Фејсбук кампања...
И да ти виделе и нашиве дрипци тоа ЈУТЈУБ што е, па тоа веб страници, па социјални мрежи и почнаа да пуштаат марионетки и платеници и таму, да, истите оние што лепат плакати, идат по митинзи, викаат и слепо бацуваат раце на лидерите, дури овие шетаат со кељави фраери меѓу плебсот, е истите тие ги пуштија, само овие од канцеларија, пософистицирани демек орудија, на истата машинерија, да кењаат срања, без никаков кодекс, ама налет...
И како што не дал Господ, многу лесно се фативме сите на орото и лека полека се обоија социјалните мрежи црвено, сино, црни, по малку и жолтки... Ај ќе извлечам паралела дека така беше и во САД и во другите демократски општества, истото се случува за време на избори, после се, социјалните мрежи се отсликување на тоа што се случува во едно општество, а нашето богами е прибајаги исполитизирано и затоа си беше сето тоа нормално, што требаше да се заврши...
Она што ме плаши, е што се повеќе можам да најдам оправдувања за некои работи што самите упорно си ги правиме, се потешко е да се каже, па добро ова е вака и на Запад, се потешко е да не направиш паралела со Египет, со Либија, се потешко некој ги узурпира нашите социјални мрежи да креира тензија и да направи проблем... Треба да набројувам?
Не навлегувам и не би сакал за тоа да дискутирам дали е исправно или не, едноставно ми е жал, што Твитер стана медиум за организирање протести како во Либија и Египет, наместо да биде место каде ќе се организира некој позитивен онлајн активизам... Тажно е што и покрај толку бизнис модели и начини да се заработи, кои ги практикуваат на Твитер и ФЕјсбук, па и Јутјуб, Форсквер, моето општество избра да го користи Твитер за да се организираат протести... Тажно е што покрај толкуте позитивни начини да се докомплетира услугата која ја нуди една компанија, ние избравме да ги користиме социјалните медиуми како место за кавга...
Готово и да не постои пример за македонска компанија која спровела некоја кампања која вреди, воопшто, а камо ли таа да биде на социјалните мрежи, вирално видео? Па што ви е на вас??? И не е дека се нема пари да се разбереме... Има ентузијасти што водат блогови, што даваат и споделуваат искуства и примери од целиот свет за што и како да се искористат социјалните мрежи, ама не, ние избравме револуција да дигаме преку Твитер...
Не викам дека немаме проблеми како општество не викам дека не треба да има протести и да се користат социјалните медиуми и за тоа, ама луѓе чукнете тоа главите, имаме фрка што немаме пари, дајте бизнис модели, развијте некој креативен начин за генерирање приход, не треба тие компании да бидат исклучок, треба да бидат мејнстрим... Па што ги учиме нашите млади и какви примери им даваме???

Газдите на Фејсбук, Мајкрософт и Гугл беа на Самитот на Г8, не е дека нема политика, но не е дека и политиката не го чувствува притисокот од нивната моќ, токму заради аспектот дека може да бидат искористени како алатки за дигање на цели револуции во помалку демократските општества и заради нивното огромно влијание на општата свест...

А ние бе? Ние си останавме Либија, си биднавме Египет, со Кина и со Турција не би се споредувал, затоа што во поглед на економија за нас се Шведска...
Не знам зашто ама секогаш сум сметал дека општествените права и слободи се резултат на една развиена економија, барем 100% од случаите го говорат тоа... Ако има сиромаштија има и тиранија, има и корупција и сето во еден магичен концентричен круг кој влече само кон една насока - надоле... А ние упорно ги учиме и младите, дека политичарите ни се криви, дека Грција е крива, дека не знам кој веќе не е крив, никој не засукува ракави да поработи, се бара братучед у Министерство да се забие некој тендер и тоа го викаат „претприемаштво“ и така со години практицираме капитализам и тешко дека нешто ќе не спаси, ако не се смениме самите себе си и почнеме со поинакви примери да ги подгреваме соништата на помладите генерации...

Си сонувам јас за револуции, поинакви револуции, ама јеби га останавме изглеа ја Либија, Иран и Египет без Јутјуб...

No comments:

Post a Comment

Related Posts Plugin for WordPress, Blogger...