2013-02-06

#ЕмисијатаНаРадио Бр.2 #ерадио



Гости беа Дарко и Јасмина пред да ја слушнете емисијата некаде најдолу во постот во продолжение ви го прикажувам текстот на Јасмина како еден вид подготовка за темите кои само ги начнавме и дефинитивно ќе продолжат во наредниот период. 

Има голем број  жени изведувачки кои преку својата музика длабоко ги допираат сите општествени проблеми и кои ја сфатиле оваа најблагородна цел на поп-културата. Навистина има многу, подеднакво важни по разни основи во својата социјално-ангажирана уметност/музика (нема сега да ги набројувам), ама јас си избрав неколку кои во одреден период имаат извршено некакво „освестувачко“ (во секоја смисла на зборот) влијание врз мене лично.  Избрав 6 жени и 7 песни (две од Тори).

  • Tori Amos – пред 20тина години, таа стана првата популарна пејачка/авторка која отворено прозбори за нејзиното лично искуство и за тоа дека е жртва на сексуален напад.(Иако претходно знаевме и за Тина Тарнер, Витни Хјустон, а подоцна и Ријана итн.. меѓутоа тие веројатно никогаш не се изјаснија доволно гласно) Песната од  1991г., 'Me And A Gun' , некои ја критикуваа дека станува збор само за бркање на внимание, меѓутоа неколку години подоцна таа ја ко- основа RAINN -Rape Abuse and Incest National Network, која дава бесплатна помош и заштита на жртви на сексуално насилство на територијата на САД.  Се смета дека оваа нејзина акција директно охрабрува голем број на жени да ги пријават сексуалните напади извршенни врз нив. Христијанскиот патријархат, сексуалноста, родовоста, срамот, вината, спонтаниот абортус и мајчинството, се испреплетени во звукот на нејзиниот филигрански пјано рок и нејзиниот слатко-горчлив глас. Таа го провоцира сексизмот и патријархалната структура на музичката индустрија без страв и го предводи патот на женските артистки  во борбата да бидат прифатени еднакво како и мажите.



  • Понатаму, нејзината песна “Silent All These Years”  е една од најјасните нејзини лирични изјави во врска со нејзината врска обоена со злоупотреби, со возможен сексуален напад, несакана бременост и со кревање на својот глас и истапување во одбрана на себе. Оваа песна всушност најголемото признание од феминизмот ја доби во 1997г., кога беше употребена во промоција на  „фанд-рејзингот“  за мрежата  Rape, Abuse & Incest National Network




  • Lauryn Hill - Иако раперката и актерка Queen Latifah всушност влезе во историјата кога доби Греми за нејзиниот  супер-хит  “U.N.I.T.Y.,” во 1995, кој зборува за домашното насилство и објектификацијата на сексуалноста на црните жени. Исто така постави сериозна основа врз која останатите жени во рап и хип-хоп музиката го кренаа гласот подеднакво моќен во музичкото поле кое дотогаш било претежно машко. Queen Latifah, MC Lyte, Jessica Care Moore-Poole, Lauryn Hill, Erykah Badu, Me’Shell Ndegeocello, India Arie и Zap Mama го користат хип-хопот , како и останатите жанрови на музика, да ги охрабрат и освестат не само афро-американките, туку и сите луѓе во светот воопшто. Јас си ја одбрав Лорин, бидејќи, ја имам слушано најмногу од сите погоре набројани




  • Janet Jackson – затоа што нејзините песни задираат во комплексни проблеми како расната нерамноправност, СИДА-та, хомофобијата, домашното насилство, матсрурбацијата, сексуалното здравје и автономноста на жената. Таа е жената позади “The Pleasure Principle,” “Nasty,” “Control,” “Together Again,” “What About?”, “Free Zone,” “What Have You Done For Me Lately?”, “Rhythm Nation” и она што ќе стане химна на црните феминистки песната “New Agenda.” Ова можеби е песната после која најмногу нејзини фанови во најмала рака почнаа да размислуваат за феминизмот.


  • Bjork - за нејзината секогаш социјално-ангажирана музика, за женскоста на природата и за комплексниот еротицизам на Vespertine , кој многу сугестивно  влијаеше на најмалку  една тинејџерка во освестување на нејзината женственост



  • Laurie Anderson од Home of the Brave, затоа што сметам дека имам остварено најличен контакт со неа гледајќи ја и слушајќи ја во живо, од првите редови во Универзална, затоа што толку многу ја имам слушано во моите пост-адолесцентни години шо успевам совршено да го имитирам нејзиниот глас, затоа што за нејзиниот концерт што се предотерав ко битолчанка , ко мало дете шо треба да се сретне со својот супер-херој. Има една нејзина позната „акција“  Fully Automated Nikon (Object/Objection/Objectivity) од 1973г., која ја спроведува шетајќи низ Њујорк и фотографирајќи ги сите оние мажи шо и дофрлаат разни шовинистички реченици по улица, за потоа на фотографиите да им ги „затвори“ очите, одземајќи им ја можноста да „гледаат“, на оние кои заслепени од својата машкост не можат да видат ништо друго во жената освен сексуален објект.

  • Patti Smith  затоа што имам чувство дека лично се знаеме, затоа што ја имам почувствувано нејзината енергија во живо, затоа што не морам ништо да објаснувам за нејзиниот активизам и хуманизам.  



И еве ја емисијата, во деловите со музика свират песните погоре...









 Се читаме на твитер на #емисијатанарадио

No comments:

Post a Comment

Related Posts Plugin for WordPress, Blogger...