2013-03-04

ДЕЦА, ВНУЦИ, ИЗВИНЕТЕ! - го @Bedoxin





Диносаурусите се изумрен вид. Но јас верувале или не, познавам далеку поизумрен вид. Младите луѓе, студентите. Пред компјутер, мама меси, тато носи, имаме пари за Плејстејшн и кафе и тоа е доволно.  И познатата: ‘’Брат, не ме интересира мене политика... ‘’ , за нив совршено алиби. Од друга страна ќе се послужам исто така со едно клише, но точно клише: ‘’Политиката е преголема работа, за да се остави само во рацете на политичарите’’.



Добро, не дека им судам од прва, или пак им замерам на нивната индолентност, сепак нивото на политичка култура во државава е многу мало. Затоа младите не можат да мрднат подалеку од стандардните стереотипи создадени за реал политичарите, за оние кои ги слушаме постојано на вести, ги читаме по весници, ги гледаме насекаде. Бранко или Никола, тие се вакви или онакви, направиле ова или она. И не, не сакаме да слушаме повеќе за нив, тоа е за нас политика. И грешат, нормално. Политиката не е тоа, нималку. Актерите се менуваат, еднаш се едни, еднаш се други, но малце пошироко треба да се гледаат работите. Политика, да, но таа сама по себе ги влече и општествените ситуации кои настануваат, социјалните конфликти, правата и слободите на едни и други итн. И треба да не засега сите. Затоа што ако не се побуниме и излеземе некаде да го искажеме нашето мислење, тогаш ќе продолжат да не газат и понижуваат. 

Некогаш ќе бидеш ти на местото од Мартин, некогаш ти ќе немаш да платиш за струја, па ќе трчаш да се потпишеш на некоја од граѓанските иницијативи, повторно ќе именуваат некој што и нанел зло на државата за министер или можеби претседател, којзнае. Но уште една од многуте девизи наши, на младите е таа дека здрава рака не се става во трн. Зошто јас да се мешам за нешто што не ме засега. Ми е гајле, ако полицијата на пример го натепа Перо без никаква причина, океј. Сепак е Перо, а не јас. Ако на комшијата му ја исклучат струјата затоа што немал пари да плати, а јас имам. Океј, на комшијата му ја исклучиле струјата, не мене. Се додека некој не не пецне нас, додека не не удри по уши. Е тогаш ќе реагираме, ќе се побуниме, но ќе немаме поддршка, затоа што другарчето твое можеби не сака да застане на твоја страна, затоа што него не го засега. И така во круг. Едноставно, немаме чувство за солидарност.

Два загрижувачки факти. Првиот е тој што ние младите не сме свесни за моќта која ја поседуваме. Не сме свесни за алатките со кои ги имаме во наши раце и можеме да поправиме и корегираме многу работи.  За жал, научени сме да си ќутиме, да не поттиснуваат и онака да бидеме фрлени на маргините. Па ако некој евентуално се сети на нас, добро. Ако не, пак добро. Ќе си одам на кафе во центар. Па што. Вториот е малце посвеж, можеби и банален пример, но можеби и доволен показател за тоа каква е денешнава младина. Харлем Шејк е општо популарна работа моментално, ние како вечни помодари одма ја прифативме и знаете како оди тоа. Немам ништо против. Баш и јас се засмејував на тие видеа, убаво е народ на момент да заборави на сите грижи и барем на 30 секунди да одлета некаде и да се чувствува различно. И како што е редот, Харлем Шејкот дојде и до Скопје. По социјалниве мрежи, младите луѓе се организираа, договорија место, датум, време и оп-на плоштад. Да не претерам, од око ги имаше многу. 1000 можеби и повеќе, можеби и помалце. Но тоа не ми е поентата. За таква работа, се собраа толку и сигурен сум дека ќе ги имаше многу повеќе, но поради икс фактори бројката не варираше. Да ги мобилизираш младите за некои посуштински и побитни работи за општеството, за самиот себеси и тие околу тебе, да им кажеш дека треба да се појават за да протестираат против не знам каква работа, нема да дојдат ни десетина. Ќе речат дека политика не ги интересира. Мислам дека доволно е, сувишни се зборови.

Ќе звучам како дедо ми, всушност звучев во поголемиот дел како него, карајќи ги младите, карајќи се самиот, паметувајќи, но според неговите кратки приказни кои ми ги кажувал, знам дека и еден Тито како таков, што веројатно и не се плашел од ништо, ако веќе зборуваме за страв, единствено и само единствено се плашел од студентите. Ги држел под контрола, имале секакви бенифиции, со цел да не излезат од рамката. Сигурно тоа така не било затоа што така му текнало. Студентите, односно оној профил на студент, е млад човек, полетен, амбициозен, со желба да поправи и промени нешто, интелегентен, паметен, активен, не дозволува други да му кројат планови за неговата, иднина, свесен за она што го има. Кај нас, впрочем како и многу други работи, не е така. Не се борат за иднината, немаат свое минато, ниту пак сегашност. Празни одвнатре. Обични играчи. Тоа ви е како да затвориш лав во некој кафез, а во кафезот да има мајмуни, жирафи, зебри или зајци и постојано да му се качуваат на глава на лавот, а тој да си стои мирен и да ќути. А е најсилното животно, а ја има моќта и баш онака може да ги изеде и да ја реши ситуацијата.

Мене ме мачи следново. Ако на овие млади, на нас младите, иднината останува, тогаш со огромно жалење ќе кажам: - ‘’Извинете деца, внуци и правнуци, од се срце. Едноставно не сме биле таа генерација која требало да промени нешто. Крупно, или само делче, небитно’’. И едвај чекам да дознаам дали тој лав некогаш ќе биде свесен за своето и за тоа што може тој да го направи.



За евентуални прашања обратете се кај братот @Bedoxin




No comments:

Post a Comment

Related Posts Plugin for WordPress, Blogger...